Поранешната нутриционистка Итзијар Гонзалес де Ариба и специјалистка за физиотерапија на „кралскиот клуб“ пред неколку дена излезе во јавноста со сериозни обвинувања за малтретирање кое, наводно, го доживеала за време на ангажманот во Реал Мадрид. Во интервјуто таа зборуваше за непријателска работна атмосфера и закани од колеги внатре во медицинскиот сектор, истакнувајќи дека клубот ѝ „направил пекол од животот“.
Гонзалес за „Марка“ откри како била пречекана уште при самото доаѓање во клубот.
„Уште првиот ден ми кажаа дека сум таму затоа што тоа бил хир на претседателот, но дека тие знаат како да се справат со него и дека тој прави сè што тие сакаат. Кажаа дека ќе го манипулираат да поверува дека сум луда за да ме отпушти“, изјави таа.
Неколку дена подоцна, во разговор за „Радио Еускади“, Гонзалес изнесе дополнителни детали за своето искуство и за правните постапки кои во моментов се во тек. Таа се присети како нејзините стручни препораки не само што биле игнорирани, туку биле проследени и со отворени закани.
„Му кажав на медицинскиот персонал дека пецива за појадок не ми изгледаат како најсоодветна опција, а нивниот одговор беше: „Сè мора да остане исто, немојте ништо да менувате или ќе добиете отказ. Вака освоивме 15 титули во Лигата на шампионите“. Тоа е реченица што таму постојано ќе ја слушате ако сакате да промените нешто“, раскажа Гонзалес.
Таа откри и дека била целосно маргинализирана во својата улога, до степен што многу од фудбалерите воопшто не знаеле дека таа постои.
„Ми кажаа дека ако дојде некој фудбалер, ќе треба да работам со него, но како ќе дојде било кој ако не знаат дека сум таму“
„Нивниот одговор беше: ‘Па, уште подобро, тогаш земате пари без да работите. Погледнете колку сте среќна. И ви препорачуваме ништо да не правите, затоа што тоа е најдобриот начин долго да останете во Реал Мадрид’“, заклучи таа.