Белгија е првата
земја во Европа која реши да стави крај на првенството поради коронавирусот и
да го прогласи Клуб Бриж за шампион. УЕФА остро се спротивстави на ова, веднаш
им пиша на сите земји дека приоритет е да се доигра сезоната, а претседателот
Александер Чеферин се закани дека членките кои ќе превземат ваков чекор,
ризикуваат да останат без место во Лигата на шампиони и Лига Европа.
Сепак, примерот
на Белгија може да го следи и Англија. Спортскиот директор на Удинезе, Пјерпаоло
Марино пренесе дека Премиерлигата наскоро ќе соопшти дека сезоната е завршена.
Тој не открива
кој му ги соопштил ваквите вести, но Удинезе и Вотфорд имаат ист сопственик
(семејството Поцо) и многу блиска соработка.
„Фудбалската федерација
на Белгија веќе даде зелено светло за крај на сезоната и покрај заканите за
санкции од УЕФА. Во Англија, Премиерлигата наскоро ќе испрати слично соопштение
бидејќи ситуацијата таму е многу, многу сериозна. Јас само се надевам дека ќе
можеме повторно да уживаме во фудбалот по пандемијата на коронавирус. Без разлика
колку време ќе ни треба, најважно е да излеземе од оваа опасна зона. Не сум
загрижен за оваа сезона, туку за следната“ вели Марино за Спортиталија.
Во моментов,
Премиерлигата е суспендирана на неодредено време. Доколку првенството не биде
доиграно, клубовите ќе треба да кажат збогум на 1 милјарда фунти, пари од ТВ
правата, спонзорски договори и продажба на билети.