Поранешниот репрезентативец на Шведска, Томас Бролин се потсети на својата одлука да стави крај на кариерата на само 28 години, и да почне да продава правосмукалки.
Шведска стигна до бронза на мундијалот во 1994, а една од ѕвездите на тој тим беше Томас Бролин.
Добрите партии му донесоа и признание од реномираниот „Франс Фудбал“, заврши како четврти (зад Христо Стоичков, Роберто Баџо и Паоло Малдини) во трката за престижната „Златна топка“.
Но кариерата на Томас Бролин не траеше долго, тој реши да оди во пензија со само 28 години. Во разговор со Газета дело Спорт тој уште еднаш објасни зошто повлекол ваков потег.
„Едноставно ми дојде преку глава од тоа да тренирам секој ден и на ум веќе имав неколку интересни проекти“ – вели Бролин.
„Еден ден ми пријде еден човек, малку чуден карактер – иноватор. Ми го предложи планот за нова правосмукалки, веднаш ме убеди и заедно основавме компанија. Тоа беше моментот што ме натера никогаш повеќе да не посакам да му се вратам на фудбалот“.
Запрашан дали некој го советувал и убедувал да не оди во пензија толку рано, тој вели: „Сите ми велеа дека со 28 години е прерано за пензија. Но јас одговарав, „Се зависи од тоа што си направил во тие 28 години“. Јас во кариерата постигнав многу. А животот е прекраток за да правиш досадни работи. Јас не правам ништо што не ме радува“.