Засекогаш ја промени историјата на фудбалските трансфери, а денеска едвај преживува – останал и без храна!

by Стефан
2 минути читање

Жан-Марк Босман, поранешниот белгиски фудбалер, засекогаш го промени текот на фудбалската историја со правилото што го носи неговото име.

Иако никогаш не беше голема ѕвезда на теренот, неговата правна битка направи фудбалскиот пазар денес да биде поразличен, а играчите да располагаат со слобода и подобри финансиски услови.

Судската постапка што Босман ја покрена во средината на 90-тите, поточно во 1995 година, резултираше со воведување на т.н. Босманово правило. Со него, професионалните фудбалери добија право по истекот на договорот бесплатно да преминат во нов клуб, како и можност шест месеци пред крајот на договорот да започнат преговори со потенцијалните нови идни клубови.

Но, додека бројни фудбалски ѕвезди благодарение на ова правило заработуваат милиони, човекот кој ја започна револуцијата денес живее на работ на егзистенцијата.

Медиумите во Белгија и Холандија пренесуваат дека Босман во одредени периоди останувал и без основни средства за живот, па дури и без храна. Поради тешката ситуација, Синдикатот на фудбалери во Белгија неодамна организираше хуманитарна акција со цел да му се обезбедат достоинствени услови за живот, но и покрај собраната помош, неговата состојба кон крајот на годината не се подобри значително.

Помош пристигна и од поединци од фудбалскиот свет, меѓу кои се истакнуваат Хуан Мата, како и Адриен Рабио со своето семејство.

Ќе потсетиме, Босман се одлучи на правна битка откако неговата фудбалска кариера практично беше прекината во 1990 година поради тогашните трансфер-правила. На само 25 години требало да се пресели во францускиот Данкерк, но неговиот клуб РФЦ Лиеж побарал обештетување од 500.000 фунти, иако договорот му бил пред истек.

Откако трансферот пропаднал, Босман ја побарал правдата пред судовите, а пет години подоцна беше донесено историското правило за слободни фудбалери по истекот на договорот, познато како Босманово правило, кое засекогаш ги промени трансферите во фудбалот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×