Германскиот весник Билд открива дека во Баер Леверкузен биле длабоко разочарани од Ерик тен Хаг, сметаат дека Холанѓанецот бил најлошиот тренер до сега и наведуваат неколку причини за ова.
Баер Леверкузен реши да го замени Чаби Алонсо со Ерик тен Хаг, но стратегот доби отказ на првиот ден од септември, по само два натпревари во Бундеслигата (три ако во предвид се земе и натпреварот во Купот на Германија).
Холанѓанецот изјави дека бил изненаден од одлуката и дека отказот е нешто невидено во фудбалот, но Билд вели дека раководството на „фармацевтите“ било прилично убедено дека повлекле прав потег.
Во Баер Леверкузен биле длабоко разочарани од Тен Хаг и сметаат дека тој е најлошиот тренер до сега, и тоа поради неколку причини.
Се говори дека Холанѓанецот немал добар однос со никого во Баер Леверкузен – дури ниту со тренерскиот персонал кој тој лично го одбрал и го донел во клубот.
Атмосферата во клубот била прилично ладна, а главен виновник за ова бил токму Тен Хаг.
Играчите не ги разбирале тренинг сесиите, и не им било јасно зошто иста важност им се давало на правење склекови и работа со топка.
Фудбалерите не ги разбирале ниту тактиките и инструкциите, па на трите натпревари често самите се позиционирале на теренот и играле како што сметале дека е исправно.