Од таборот на Евертон се чудат на своите колеги од Манчестер јунајтед и одлуката да одвојат 52+10 милиони фунти за перспективниот Лени Јоро со оглед на тоа дека „ѓаволите“ не понудиле повеќе од 50 милиони за Џарад Брантвајт.
Ангажман на нов дефанзивец беше еден од приоритетите на Манчестер јунајтед ова лето, на листата со желби имаше неколку имиња и се веруваше дека Џарад Брантвајт од Евертон е главна цел.
„Ѓаволите“ доставија две понуди, првата вредна околу 43 милиони фунти, втората околу 50 милиони фунти, но Евертон ги одби и постави цена од 70-80 милиони фунти за услугите на 21 годишниот Англичанец.
Откако запнаа овие преговори, Манчестер јунајтед се насочи кон други цели и попладнево пристигна информација дека клубот од Олд Трафорд ја добил битката со Реал Мадрид за 18 годишниот Лени Јоро од Лил.
Ваквиот развој на настаните ги зачудил раководните луѓе во Евртон, кои не разбираат како Манчестер јунајтед платил толку многу пари за Лени Јоро.
„Ѓаволите“ не понудиле повеќе од 50 милиони за Џарад Брантвајт, а сега одвојуваат 52 милиони, плус додатни 10 милиони во бонуси за играч кој е три години помлад, има само уште 12 месеци од договорот, нема настап за репрезентацијата на Франција и игра во Лига 1.
Останува да се види дали по оваа зделка Манчестер јунајтед повторно ќе тропне на вратата на Евертон и ќе има нов обид за ангажман на Џарад Брантвајт, или пак можеби ќе се насочи кон други цели.
Претходно се пишуваше дека и Матајс де Лихт од Баерн Минхен е дел од листата со желби на „ѓаволите“.