Јувентус го освои Скудетото и Купот на Италија минатата сезона па во Суперкупот играа со финалистот од италијанскиот куп, Лацио кој во овој меч влезе со серија од десет порази од Старата Дама.
Во финишот од мечот се случуваше вистинска драма, во судиското продолжение Јувентус израмни на 2-2, но веднаш потоа Лацио даде победнички гол.
Натпреварот беше отворен во 31. минута од пенал, Имобиле беше прецизен од белата точка. Пеналот беше направен од страна на Буфон токму врз него.
Лацио го зголеми водството по девет минути игра во вториот дел, стрелец и овој пат беше Имобиле.
Се чинеше дека се е решено, но Дибала со прекрасен гол од слободен удар во 85. минута го враќа Јувентус во игра намалувајќи на 2-1.
Само шест минути подоцна Дибала од пенал го изедначува резултатот на 2-2 и се веруваше дека Јувентус се спаси од пораз, но…
Во 93. минута Џордан Лукаку се прошета по левата страна, лесно го помина Де Шиљо, додаде до Мурџиа кој постигна гол за победа од 3-2 по која славјето на Олимпико беше големо.