Вардар вчера славешее победа во големото македонско дерби против Пелистер со 2-1 во Битола, но денеска преку социјалните мрежи битолскиот клуб информираше и дека столчињата на стадионот „Петар Милошевски“ на трибината каде што биле сместени вардаровите фанови биле оштетени.
Поради таквата ситуција од клубот потенцираа и дека во иднина нема да дозволуваат присуство на гостински навивачи, но исто така и за раководството на Вардар за кое велат дека давале некоректни изјави во медиумите.
Во продолжение соопштението од битолскиот клуб:
ФК Пелистер ја известува јавноста дека дел од столчињата и трибинскиот простор на јужната трибина, каде што се наоѓаа навивачите на Вардар на натпреварот Пелистер – Вардар на 5 ноември се оштетени и сквернавени. Заради заштита на нашиот стадион во иднина нема да дозволиме присуство на гостински навивачи на стадионот „Петар Милошевски“.
Исто така сакаме да ги апострофираме некоректните изјави на одредени медиуми и постови на социјалните мрежи на високи претставници на ФК Вардар, кои иницираат омраза и инциденти. Ако на ова го додадеме присуството на големо обезбедување на извршниот директор на Вардар, минатата година и наоружано, во свечената ложа на стадионот Петар Милошевски, одлучивме да ги прекинеме институционалните односи со ФК Вардар.
Ваквиот принцип не е наш принцип и не сакаме да бидеме дел од ваков однос и соработка. За оваа управа на ФК Вардар нема повеќе место на нашиот стадион, во нашата свечена ложа, во нашиот ВИП простор. Пелистер ќе го почитува секој оној што ќе покажи почит кон Пелистер.
Во случај на промени и поставување на соодветни лица, достојно за имиџот и традицијата на ФК Вардар, спремни сме да подадеме рака на соработка.