Српскиот напаѓач Душан Влаховиќ повторно се соочува со проблеми со повреда, само кратко по неговото враќање на терените по пауза од четири месеци.
Фудбалерот на Јувентус требаше да конкурира за настап на вчерашниот натпревар против Џенова во рамки на 31. коло од Серија А, но за време на загревањето почувствувал болка во мускулот на листот и морал да биде повлечен.
Првичните информации од Италија говорат дека по извршените лекарски прегледи станува збор за повреда што ќе го оддалечи од терените до крајот на месецот. Сепак, медиумите оценуваат дека оваа повреда не е сериозна и не предизвикува поголема загриженост во таборот на Јувентус.
Влаховиќ е дел од „старата дама“ од јануари 2022 година и има договор кој истекува на 30 јуни, а според најавите, клубот и играчот се блиску до продолжување на соработката. Во тековната сезона, напаѓачот забележа 18 настапи и постигна шест погодоци.