По десет одиграни кола Работнички е на последното место во Првата македонска лига, а по таквиот катастрофален учинок логична е тренерска смена.
„Како морален чин, како тренер и спортски работник, чувствувам морална одговорност дека Работнички по десет одиграни кола се наоѓа на позиција на табелата која не ја заслужува. Од тие причини, понудив оставка до раководството на клубот. Морам да истакнам благодарност до претседателот Драган Поповски за овозможените услови за работа, за професионалниот, фер и коректен однос со сите во клубот, од раководството, преку фудбалерите до сите вработени. Се надевам дека Работнички брзо ќе излезе од оваа резултатска криза и дека ќе се најде на позициите кои ги заслужува“, изјави Влахо за официјалниот сајт на Работнички.
Клубот ја прифати оставката и му понуди на Влахо да остане на друга функција во клубот. Привремено тимот ќе го водат Марјанчо Андрески и Славчо Георгиевски.
„Прифатена е оставката на Александар Влахо. Јасно е дека Работнички не ги исполни целите на стартот од сезоната и по десет кола се наоѓа на последната позиција на табелата. Не е виновен само шефот на стручниот штаб за лошите резултати, некогаш и среќата игра голема улога, а и други околности, но тој е првиот што секогаш понесува одговорност. Ценејќи ги професионалните и човечките квалитети на Александар Влахо, Работнички му понуди да остане дел од клубот со функција која допрва ќе биде допрецизирана“, изјави претседателот Драган Поповски.