ФФМ побара од државните и здравствените власти да одобрат третина од стадионот да има навивачи за пријателските мечеви на Македонија со Словенија и Казахстан.
Владата одобри 30 проценти посетеност за мечот со Словенија, што значи дека 10.000 гледачи ќе можат да им дадат поддршка на нашите фудбалери пред заминувањето во Букурешт.
На следната седница на Владата ќе биде одлучено дали ќе може публика да присуствува и на мечот против Казахстан кој се игра на 4. јуни.
„Во знак на поддршка на Македонската фудбалска репрезентација, која за прв пат се пласираше на Европското првенство и која на 1 јуни ќе одржи подготвителен пријателски натпревар, членовите на Владата, на седницата донесоа Одлука за исклучок од постоечката забрана за одржување на спортски натпревари, односно подготвителниот натпревар кој треба да се одржи на 1 јуни на Градскиот стадион во Скопје да се одигра во присуство на 30 проценти исполнетост со публика од капацитетот на трибините. За дополнителни олеснувања за другите натпревари ќе се разговара на следната седница на Влада“, објави Владата.