Младинците на Работнички доживеаја тежок пораз на гостувањето кај Шелбурн во рамките на УЕФА Лигата на млади. Македонскиот шампион во генерацијата до 19 години загуби со убедливи 5-0 и направи голем чекор кон елиминација уште во првото коло.
Скопјани започнаа цврсто и во првото полувреме парираа на нападите на Ирците. Сепак, во 35. минута Семи го отвори резултатот и донесе водство за домаќините. Во продолжението Работнички падна физички, па во последните дваесетина минути прими уште четири гола.
Маре беше двоен стрелец во 69. и 71. минута, потоа Рајан зголеми на 4-0, а конечните 5-0 ги постави Кеог.
За Работнички од првата минута настапија: Трајковски, Кренер, Трајановски, Димовски, Росиќ, Манојлов, Стаматовски, Жаку, Стефановски, Хоџа и Бошнаков.
Реваншот во Скопје е закажан за 1 октомври, но младите „романтичари“ речиси и да немаат шанси за пресврт.