Винисиус Жуниор повторно е во центарот на вниманието откако по само десетина минути по крајот на натпреварот против Севиља ја промени профилната слика на Инстаграм и ја замени таа од дресот на Реал Мадрид со дресот на Бразил.
Напаѓачот предизвика скандал на „Бернабеу“ со својата реакција кога беше заменет на „Ел Класико“ против Барселона, но сега со еден потег зад сцената, повторно крена голема прашина.
Револтиран од свирежите кои ги доби кога беше заменет во 83. минута од пресметката против Севиља, Винисиус Жуниор ја смени профилната фотографија на Инстаграм.

Само десетина минути по последниот свиреж, право од соблекувалната, Вини ја избриша својата слика како држи дрес од Реал Мадрид и ја замени со слика од настап во дресот на репрезентацијата на Бразил.
Изминативе месеци се прилично турбулентни за Бразилецот, кој не игра на потребното ниво, а дополнително им оди по нерви на навивачите и со своето однесување.
Само пред неколку дена беше „уловен“ како се смее на клупата во моменти кога Реал Мадрид прими гол на гостувањето кај третолигашот Талавера во Копа дел Реј.