Тензиите во Реал Мадрид меѓу Чаби Алонсо и Винисиус Жуниор стануваат сè поголеми, а ситуацијата добива сериозна димензија. Според шпанските медиуми, бразилскиот ас му порачал на претседателот Флорентино Перез дека повеќе не може да соработува со Алонсо и децидно му рекол: „Или јас или тој“.
Договорот на Винисиус со Реал трае до 2027 година, но доколку Алонсо остане на клупата, крилниот напаѓач нема намера да го продолжи. Конфликтот, кој избувна за време на Ел Класико, очигледно не е надминат, иако Винисиус подоцна се извини на навивачите и соиграчите, но не и на својот тренер.
Перез наводно се обидел да смири страстите преку приватен разговор меѓу двете страни, но средбата завршила без успех.
Ако состојбата не се промени, Реал би можел да се раздели со Винисиус уште во летниот преоден рок во 2026 година, за да избегне да го изгуби без обештетување.