Италија прв пат по 1958 година нема да игра на светско фудбалско првенство. Најголемата вина се бара во федерацијата која го назначи селекторот Вентура кој се покажа како неспособен да ја води репрезентацијата.
Природно е по таков голем дебакл селекторот веднаш да си поднесе оставка и да се сокрие подалеку од јавноста, но Вентура не сака ниту да слушне за заминување без да добие обесштетување.
Самиот тој не дава оставка бидејќи со заминување на тој начин нема да може да добие обесштетување. Информациите велат дека побарал 700.000 евра од федерацијата за да го напушти кормилото.
Изборот на федерацијата се покажа како катастрофален, уште повеќе што во договорот нема клаузула за неуспех, односно селекторот автоматски да добие отказ ако не ја пласира Италија на Светското првенство. Очигледно е дека тие ниту во најкошмарните математики не очекувале ваков развој на настаните.
Вентура можеби ќе си замине со полн куфер пари, но неговото име ќе се памети само во негативен контекст.