Македонскиот репрезентативен стопер Дарко Велковски за првпат заигра за Зрињски Мостар по потписот со овој клуб од Босна и Херцеговина.
Дефанзивецот влезе на полувремето во победата над Слога Добој од 3-0 (2-0) во заостанатиот натпревар од Премиер лигата на БиХ. По дебито Велковски ги сподели и првите импресии од клубот, градот и желбата за минутажа.
„Влегов на полувремето при водство од 2-0, па имав на хартија полесна задача. Сепак, на овие натпревари е најтешко да се задржи концентрацијата кога мислиш дека сè е готово. Среќен сум за своето деби, се надевам ќе добијам повеќе шанси во иднина и со тоа ќе му помогнам на тимот во првенството и во Европа. Одлично сум прифатен од првиот ден, се е супер. Градот е преубав, сличен на хрватските каде што минав неколку години во Ријека, па на мене и семејството ни е лесно“, изјави Велковски.
Моментално Зрињски е третопласиран на табелата во Босна и Херцеговина со 13 бода колку што има и Борац, а лидер е Железничар со 15 бода. Во сите три наведени клубови настапуваат македонски интернационалци, дел од тимот од Бања Лука е голманот Дамјан Шишковски, а во сараевскиот лидер е Матеј Цветаноски.