Вицешампионот на Македонија екипата на Силекс утре од 17:30 часот ја почнува сезоната на домашен терен во Кратово со натпревар против Брера од Струмица . Од таборот на кратовци со доза на внимателност го очекуваат овој дуел, со оглед дека секогаш првите наптревари може да бидат тешки. Ја прифаќаат фаворитската улога, но потенцираат дека трите бода мора да се освојат и на терен.
„И покрај тоа што ние имавме насапи во Европа и порано почнавме со подготовките, добро знаеме дека секогаш првите натпревари се тешки за играње за било кој тим. Можеби сме фаворити на хартија на овој прв натпревар во новата сезона, но треба да се оправда сето тоа и на теренот. Влегуваме во мечот без потценување кон противникот, и мислам дека ако бидеме вистинските, од нас ќе зависат многу работи од овој дуел со Брера. Голем респект кон Брера, на секој натпревар ќе истрчаме без потценување кон никого, и сметам дека ако бидеме на вистинското ниво ќе издвојуваме победа“, започна Васоски.
Шефот на стручниот штаб на кратовскиот прволигаш ги истакна целите и амбициите во новата сезона, а се осврна и на промените во тимот.
„Во минатата сезона го освоивме второто место, и во оваа на некој начин апетите пораснаа. Што се однесува до нашиот тим, си заминаа дел од клучните играчи. Меѓутоа донесовме замени, нови играчи кои се во фаза на адаптација. Ако биде се како што треба и ако успеат да се адаптираат, очекувам да избориме пласман во Европа, што е и наша цел во оваа нова сезона“, посочи стратегот.