Вардар продолжува со стратегијата за стабилна иднина и задржување на клучните фудбалери во својот ростер. „Црвено црните“ официјално потврдија дека нов договор со клубот потпиша играчот од средниот ред Димитар Тодоровски.
Тодоровски ја продолжи соработката со Вардар и се обврза на верност до 2028 година, што претставува јасен сигнал за довербата што стручниот штаб и раководството ја имаат во неговите квалитети. Играчот е дел од вардаровото семејство точно една година, откако минатата зима пристигна од редовите на Брера.
Пред ангажманот во Вардар и настапите за Брера, Тодоровски беше дел од Работнички, клуб во кој ги направи првите фудбалски чекори и потекнува од нивната академија.
Во изминатиот период Вардар активно работи на долгорочна стабилност, па претходно беа продолжени договорите и со бекот Михаил Маневски, како и со офанзивецот Диего Кастањеда, што јасно ја покажува визијата на клубот за иднината.