Вардар со убедливи 3-0 ја победи Ла Фиорита во првиот меч од првото квалификациско коло од Конференциската лига, црвено-црните на вечерашниот меч на Градски покажаа две лица, беа слаби во првото полувреме и одлични во вториот дел во кој ги постигнаа сите три гола.
Вардар ја оствари целта, дојде до убедлив триумф над Ла Фиорита и може мирно да патува на реваншот во Сан Марино кој е за седум дена.
Момците на Гоце Седлоски не го почнаа најдобро мечот против аутсајдерот, но во вторите 45 минути го поправија впечатокот.
Вардар одигра бледо прво полувреме, црвено-црните имаа неколку можности, но ниту една од тие не беше сериозна шанса.
Прв се обиде Мислав Матиќ кој во 15. минута шутна крај голот на Ла Фиорита, во следната минута се закани Спахиу кој биеше со глава, топката отиде над голот.
Првиот шут во рамките од голот Вардар го имаше во 28. минута кога по додавање од Омерагиќ, Маневски биеше но голманот Заволи го одбрани неговиот удар.
Во финишот од првото полувреме се обиде Тодоровски со шут од далечина, Завиоли и овојпат беше поуспешен.
Работите комплетно се променија во второто полувреме, Вардар заигра како што посакуваа навивачите, црвено-црните покажаа дека се многу поквалитетен тим од противникот и почнаа да ја полнат неговата мрежа.
Вардар поведе на самиот почеток од вториот дел кога по асистенција од Закариќ, Омерагиќ даде гол за водство од 1-0.
Пет минути подоцна следуваа шанси на Мато и Закариќ, но предноста остана од само гол разлика.
Во 66. минута Јанкулов даде гол за предноста на Вардар од 2-0, веќе немаше дилеми кој ќе биде победник на овој натпревар.
Брзо по вториот падна и третиот гол, Роџерс Мато ја затресе мрежата на Заволи за веќе убедливо водство на Вардар од 3-0.
До крајот на мечот Вардар имаше уште неколку шанси и за поубедлива предност, но резултатот остана непроменет.
Реванш натпреварот е за седум дена, на 17 јули во Сан Марино со почеток од 21 часот.