Фудбалерите на Вардар се пласираа во четвртфиналето на Купот на Македонија, откако славеа со 3-1 против екипата на Новаци.
Натпреварот кој се одигра на тренинг центарот „Петар Милошевски“ понуди домашно славје на скопјани кои во целост ја оправдаа фаворитската улога.
Резултатот во Скопје беше отворен по девет минути игра со голот на Едиз Спахиу. Вардарци продолжија во добар ритам и набргу ја удвоија предноста преку Азер Омерагиќ (2-0). Пред полувремето Стефан Јовановски од пенал го врати Новаци во игра на 2-1.
Во продолжението точка на победата стави Ворен Чимпембе, фудбалерот од кој многу се очекуваше по доаѓањето, а досега не се докажа.
Вардар се пласира во четвртфиналето и го продолжува патот до одбраната на трофејот. Освен „црвено-црните“ четвртфиналисти веќе се Струга, Силекс, Работнички, Шкендија Арачиново, Детонит Плачовица и Охрид.
Последниот осминафинален дуел ќе се одигра меѓу Шкендија и Тиквеш за две седмици.