Неколку извори од Шкотска објавија дека Хартс и Вардар си подале рака за трансфер на Роџер Мато, напаѓачот уште овој месец ќе се пресели во Шкотска и нема да се чека крајот на сезоната.
Се ближи крајот на сапуницата со иднината на Роџер Мато, фудбалерот од Уганда ќе потпише со Хартс, но уште овој месец ќе се пресели во Шкотска.
Изминатиов период, Вардар одби понуда од Хартс вредна околу 350.000 евра, но потоа популарните „Џамбос“ објавија дека си подале рака со играчот за пред-договор и истиот ќе им се приклучи по крајот на сезоната како слободен играч.
Но следуваше нов пресврт, Вардар објави дека има договор за милионска продажба на Роџер Мато во МЛС, а фудбалерот го чека богат договор, беа објавени и скриншотови од мејл комуникацијата.
Сепак, за брзо време и ова беше демантирано, но на крајот испадна онаа народната „и волкот сит, и овците на број“.
Хартс остана без својот капитен Лоренс Шакленд, кој ќе паузира помеѓу шест и осум недели поради повреда, па клубот од Шкотска седна на маса со Вардар и договори трансфер на Роџер Мато во зимскиот преоден рок, наместо да чека шест месеци.
Во моментов не е јасно колку пари ќе инкасира Вардар од продажбата на Роџер Мато, кој беше најдобриот поединец во „црвено-црниот“ дрес во првиот дел од сезоната.