Денеска на програмата во Првата македонска лига (ПМФЛ) се два натпревари, Вардар го пречекува Тиквеш, Пелистер е домаќин на Брера, двата меча се играат со почеток од 13 часот.
Вардар е голем фаворит против Тиквеш, црвено-црните се во серија од три последователни победи и ќе се обидат таквата форма да ја продолжат. Со три бода од денешниот меч ќе се вратат на првото место на табелата каде од вчера е Струга.
Кавадарчани пак по тренерската смена го совладаа Работнички во минатото коло, а сега сакаат непоразени да се вратат и од дуелот со Вардар.
Во Битола, Пелистер кој е под голем притисок ја пречекува Брера која е пријатно изненадување оваа сезона.
Битолчани се во катастрофална серија, девет меча по ред не знаат за победа, последниот триумф им е на 25. август. Се надеваат дека денеска тоа ќе биде променето.
Брера оваа сезона игра над сите очекувања, во моментов е на шестата позиција со двојно повеќе бодови од Пелистер. Струмичкиот тим е со поголема самодоверба и се надева на добар резултат од Битола.