Вардар сака јужната трибина да го носи името на Рингов, неговата „11-ка“ веќе никој нема да ја носи!

by Стефан
1 минути читање

Денеска Вардар одржа комеморативна седница во чест на Васил Рингов кој почина во текот на минатата недела на 70-годишна возраст.

Рингов остави длабока трага во Вардар за кого одигра повеќе од 200 натпревари и постигна 93 погодоци поради тоа клубот во негова чест одлучи и да го повлече дресот со број 11.

Исто така Вардар информираше и дека поднел иницијатива јужната трибина на стадионот „Тодор Проески“ да го носи името на Рингов.

„Рингов беше фудбалер кој настрада од синдромот Скопје – Македонија, како и неколку други македонски фудбалери. Тоа беше синдромот дека репрезентацијата на Југославија се правеше во Белград, Загреб, Сплит… никогаш во Скопје. Но, тоа не му попречи на Рингов да стане легенда на македонскиот фудбал, една од иконите на фудбалот. Васил Рингов беше одличен фудбалер, тука има фудбалери кои за интернационалната кариера можат да му се заблагодарат на него, бидејќи ги погодуваше во трепавица. Рингов не беше само голем фудбалер, тој пред се беше голем човек.

Во фудбалот често е присутен проблемот со суетите, Рингов е еден од ретките кои беше во фудбалот, а да нема непријатели, афери, подметнувања… остана и си замина како голем човек“, изјави извршиот директор на Вардар, Миленко Неделковски.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×