Вардар сака да се врати со бодови од битката во Трондхајм

by
2 минути читање

Невообичаено за нас, македонски клуб има натпревар во Европа на есен, Вардар продолжува да го одработува историскиот успех, сега на ред е гостувањето кај Розенборг.

Настапот во Лига Европа Вардар го почна со дебакл од Зенит, момците на Чедомир Јаневски вечерва имаат задача да покажат дека тоа било само случајност и имаат капацитет да се носат со силните европски екипи како што тоа го направија против Фенербахче.

Вардар за прв пат игра против норвешки тим, но оваа сезона покажа дека му лежи скандинавскиот фудбал. Македонскиот шампион го елиминираше Шведски Малме, а беше на добар пат да го помине и Копенхаген, но потфрли на натпреварот во Данска.

Розенборг игра во одлична форма во норвешкото првенство, по 23 одиграни кола е лидер со убедлива бодовна предност пред другите. Покажаа слабост во Лига Европа и тие како Вардар беа убедливо поразени, загубија со 4-0 на гостувањето кај Реал Сосиедад.

И двете екипи вечерва ќе сакаат да покажат дека можат многу повеќе отколку што покажаа на премиерата. Розенборг е многу поискусен во Европа и ќе биде фаворит на вечерашниот дуел, Вардар ќе се обиде да направи изненадување.

„Имаме респект за нашиот противник, затоа што има огромно искуство со европски натпревари. Но, ние веруваме во нашиот квалитет и веруваме дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Сите го знаеме Бендтнер кој што има играно во големи клубови, има многу вакви натпревари, но исто така Розенборг е екипа која што поседува одлични играчи во средината на теренот“ – вели тренерот на Вардар, Чеде Јаневски.

Вардарци ќе ја имаат и поддршката од Комити кои направија голем подвиг откако решија со автобус да тргнат до Трондхајм до каде треба да поминам околу 3300 километри.

На прес конференцијата по дебаклот од Зенит, Чеде Јаневски беше уверен дека Вардар ќе освои бодови во Лига Европа, па нека почне од вечерва. 

Мечот помеѓу Розенборг и Вардар почнува од 19 часот со директен пренос на МТВ.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани