„Црвено-црните” попладнево соопштија дека дуелот со Копенхаген во третото коло од квалификациите во Лигата на Шампионите ќе се игра во главниот град на Македонија.
Европската куќа на фудбалот попушти и дозволи натпревар на „Телеком Арената“ пред одигрувањето на Суперкупот на 8. август.
Шампионот на Македонија поладнево потврди дека во согласност со сите три страни, ќе се направат измени на распоредот, и Копенхаген ќе гостува во Скопје на 25. јули.
Цената на билетите ќе биде 300 денари, но Вардар во овој момент не соопшти за кои трибини ќе бидат билетите.
Се верува дека ќе бидат за Јужната и Западната трибина, на Северната и Источната трибина се прават подготовки за пресметката помеѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид.
„Со цел подобра организација на натпреварот од третото квалификациско коло од Лигата на шампионите помеѓу Вардар и Копенхаген, информираме за измена во распоредот и местото на одигрување на натпреварите“ – гласи известувањето.
„Иако ждрепката го одреди прво данскиот тим како домаќин, сепак, во наша согласност, во согласност со УЕФА и со нашиот противник, првиот меч ќе се игра во Скопје на Националната Арена „Филип Втори“ во вторник (25.07.2017 година) со почеток во 20 часот. Реваншот, пак, ќе се игра во Копенхаген на 2. август во 20 часот на стадионот „Телиа Паркен“.
„Цената на билетот за натпреварот Вардар – Копнехаген ќе чини 300 денари. Во текот на утрешниот ден ќе Ве информираме и за продажбата на билети, како и за акредитирање на новинарски екипи за натпреварот во Скопје“.