Избраниците на Чеде Јаневски по поразот пред своја
публика од Зенит со 0-5 во првото коло, овој пат се враќаат со пораз од 3-1 на
гостувањето кај Розенборг во Норвешка, во второто коло од групата „Л“ во
дебитантскиот настап во Лига Европа.
Првото полувреме ја одбележаа две ситуации, најпрво
стативата за нашиот претставник во почетната фаза од мечот, а потоа и пеналот
кој го направи Муслуи во казнениот простор на Вардар.
Вардарци почнаа одлично, ја имаа најсериозната шанса во
почетната фаза на мечот, Блажевски уште во третата минута, од далечина упати
мошне прецизен и силен удар, но неговиот обид заврши само во стативата од голот
на домаќините кои веднаш се заканија, но за среќа безуспешно.
Следеше шанса на Бендтнер две минути подоцна, но на
висина на својата задача беше Гачевски кој имаше одлична реакција, Вардар
возврати со шанса на Николов кој доби употреблива топка во казнениот простор на
домаќините но неговоит обид во 18. минута беше непрецизен и заврши над голот.
Сепак, домаќините први поведоа на мечот и тоа со голот на
Бендтнер од пенал во 25. минута од мечот. Пеналот дојде по стартот на Муслиу
токму над стрелецот на водечкиот гол за домаќините. Гачевски ја прочита
страната во оваа прилика, но ударот на Данецот беше милиметарски прецизен за
радост на домашната публика.
Избраниците на Чеде Јаневски тргнаа добро и во почетната
фаза на вториот дел, Барсегјан доби употреблива топка во казнениот простор на
Розенборг, слична ситуација на шансата на Николов во првото полувреме, но
ударот на Барсегјан во 51. минута заврши само во рацете на домашниот голман.
И покрај добриот старт и на второто полувреме, Гачевски
мораше повторно да ја вади топката од мрежата на својот гол, Конрадсен упати
неодбранлив удар во 56. минута при една долга акција на домаќините, а
вардаровиот голман беше немоќен во оваа ситуација за дуплирање на водството на
норвешкиот тим.
Во 68. минута многу набљудувачи имаше во вардаровата
одбрана, па Бендтнер го искористи тоа и асистираше мајсторски со петта до
Хеденстад кому не му беше тешко да ја смести топката во мрежата од голот на
нашиот претставник за водство на домаќините веќе и од 3-0.
Вардар возврати со обидот на Барсегјан во 74. минута, но
неговиот прецизен удар беше „скротен“ од голманот на Розенборг.
Неверојатна шанса стигна за нашиот претставник во 82. минута,
а истата ја имаше Исени кој во ситуација да бира каде да шутира во
противничкиот гол, биеше на таков начин што му дозволи на домашниот тим да
расчисти од речиси самата гол линија.
Одличен погодок за ублажување на поразот за нашиот тим постигна Бразилецот Фелипе 90. минута за конечни 3-1.
Вардарци шансата за први бодови во својата група ќе ја бараат на мечот
против шпански Реал Сосиедад на домашен терен во Скопје, предвиден да се одигра
идниот месец на 19 октомври.
Вардар: Гачевски,
Муслиу, Грнчаров, Џигаури, Николов (Исени 76’), Блажевски, Барсегјан (Стојчевски
76’), Глигоров, Хамбарџумјан (Марковиќ
85’), Демири и Фелипе.
Мечот во
Трондхајм на „Леркендал“ арената го судеше бугарскиот арбитар Георги Кокалов.
Фото-вест: adressa.no