Вардар почнува да го живее сонот, падна Фенербахче, зошто не и Зенит

by
2 минути читање

Откако со елиминацијата на Фенербахче го направија најголемиот клупски успех во историјата, Вардарци денеска ќе ја почнат бајката. Прв противник е силниот тим на Зенит.

Во квалификациите сите кои му дојдоа на гости на Вардар си заминаа дома со наведнати глави, во Струмица падна Малме, а во Скопје „црвено-црните“ славеа победи над Копенхаген и Фенербахче, па зошто тоа да не му се случи и на Зенит.

Под водство на новиот тренер, Чедомир Јаневски, Вардар изгледа зрело, знае што прави на теренот, фудбалерите максимално дисциплинирано и борбено ги исполнуваат задачите од стручниот штаб, што е клучен предуслов за добар резултат.

Зенит предводен од Роберто Манчини е силен, по девет кола е лидер во руското првенство без загубен натпревар. Последните два меча ги одигра реми без погодоци, но русите веруваат дека токму во Скопје повторно ќе почнат да реализираат.

Манчини во Скопје не го доведе најскапото летно засилување, Паредес, што можеби е знак на потценување, момент кој би бил добар за македонскиот шампион, но како ќе се однесува Зенит ќе дознаеме само откако ќе почне натпреварот.

„Зенит е фаворит, тоа е јасно, но ова е меч на кој ние нема што да загубиме, можеме само да добиеме. Ги анализиравме, работевме напорно за да одиграме уште еден добар натпревар пред нашата публика, пред Комитите. Ќе се обидеме да дојдеме до добар резултат“ – вели Јаневски.

Тренерот нема да менува многу во составот на Вардар, ќе недостасува Новак кој е повреден, на негово место ќе игра Дарко Велковски кој го менуваше Грнчаров во Истанбул и одлично си ја заврши задачата.

Вардаровите фудбалери креираа историја, но за жал информациите од продажбата на билетите велат дека стадионот вечерва ќе биде половично исполнет, нешто што хероите во црвено-црниот дрес не го заслужуваат.

Натпреварот започнува од 21:05 часот, правдата ќе ја делат судии од Данска на чело со Јакоб Кехлет.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани