Стефан Спировски и Дамир Којашевиќ го напуштија Вардар пред истекот на летниот преоден рок. Спировски потпиша за Ференцварош, а Којашевиќ најверојатно ќе биде нов член на полска Јагелонија.
„Фудбалерот од средниот ред Стефан Спировски си замина од Вардар, и својата кариера ќе ја продолжи во унгарскиот тим Ференцварош. После две и пол години носење на „црвено-црниот“ дрес, Спировски се реши да замине и да почне нова интернационална кариера. Играчот за Вардар во овие две и пол години забележа вкупно 66 настапи на официјални натпревари, од кои осум во мечевите на меѓународна сцена, 53 во првенството, и пет во Купот на Македонија. Беше стрелец на шест гола во дресот на Вардар.
Фудбалскиот клуб Вардар на Спировски му се заблагодарува на досегашната соработка и му посакува многу успех во понатамошната кариера.
Стефан ти благодариме, и среќно во понатамошната кариера!“ – стои во соопштението на Вардар за Стефан Спировски.
„Фудбалскиот клуб Вардар и фудбалерот Дамир Којашевиќ, се договорија за спогодбен раскин на договорот, со што црногорскиот интернационалец ќе може да бара нов клуб каде ќе ја продолжи кариерата.
Којашевиќ дојде во Вардар во јануарскиот преоден рок во 2016 година, и за нашиот тим забележа точно 50 настапи, на кои постигна 13 голови. Којашевиќ зад себе запиша 40 настапи во првенството, седум во Лигата на шампионите и Лигата на Европа, и три во Купот на Македонија.
Вардар му се заблагодарува на Којашевиќ за заедничката соработка во овие 1,5 година, и му посакува многу успех во новиот клуб.
Среќно Дамир!“ – гласи официјалната објава на Вардар за заминувањето на Којашевиќ.