Вардар соопшти дека е договорен пријателски меч со Црвена звезда од хуманитарен карактер, собраните средства ќе бидат донирани за семејствата на настраданите во ужасната несреќа која се случи во Кочани.
Мечот вечерва е договорен, а утре и официјално ќе биде потпишан договорот меѓу двата клуба. Натпреварот ќе се игра на 16 април на Националната арена „Тодор Проески“.
„Како акт за помош на настраданите во огнената стихија во Кочани, Генералниот директор на белградска Црвена Ѕвезда Звездан Терзиќ и Извршниот директор на скопски Вардар Миленко Неделковски, вечерва се договорија двата клуба да одиграат хуманитарен натпревар во Скопје на 16-ти април.
Сите средства собрани од влезници и спонзори ќе одат за семејствата на настраданите во огнениот пекол во Кочани.
Натпреварот ќе се игра во ноќен термин под рефлектори.
ФК Вардар изразува огромна благодарност до големите фудбалски пријатели и нивната армија од навивачи за овој бескрајно голем хуман потег.
Двата клуба договорот ќе го потпишат во текот на утрешниот ден.
Исто така изразуваме голема благодарност до легендата на Вардар и Црвена Ѕвезда Илија Најдоски, со чие посредништво е овозможен овој спектакл“, стои во соопштението на Вардар.