Вардар сезоната ја почна со многу проблеми и со доцен старт на подготовките. Но видно променетиот состав на Васовски полека почна да се воигрува и да фаќа ритам. Црвено-црните повторно ќе бидат солиден тим.
Таков впечаток оставија на денешниот меч против Шкупи, победија со 1-0, а можеа да слават многу поубедлива победа.
Клучниот момент се случи во 52. минута кога Цветановски погоди по еден голем кикс на голманот Наумовски.
Во продолжението на мечот Наумовски бранеше маестрално и спречи дебакл на неговиот тим, но е и трагичар на мечот за Шкупи бидејќи требаше подобро да интервенира при примениот погодок.
По овој пораз на Шкупи, Шкендија остана осамена на врвот со 11 бодови, а тие и Силекс имаат по десет.
Минимално со 1-0 славеше и Работнички на гостувањето кај Ренова, голот го постигна Петковски на десетина минути пред крајот.
Борец со 2-0 ја победи Академија Пандев. Стрелци на головите беа Силва и Прелчец во второто полувреме.
Немаше голови на мечот меѓу Пелистер и Македонија Ѓорче Петров.
Фото: ФК Шкупи