Фудбалерот на Реал Мадрид, Феде Валверде вели дека и самиот не знае како има толку силен шут и открива дека има повредено неколку голмани, помеѓу кои и Лука Зидан, синот на Зинедин Зидан.
Пред неколку години, Карло Анчелоти излезе со својата фамозна изјава поврзана со Феде Валверде.
„Му реков на Валверде, „ако не постигнеш барем 10 голови во сезона, ќе си ја искинам тренерската лиценца и ќе се пензионирам“. Тој има толку многу потенцијал“ – рече Карло Анчелоти кога беше на клупата на Реал Мадрид, и побара од Уругваецот почесто да го користи својот „топовски“ шут.
Фудбалерот од средниот ред го послуша стратегот, па изминативе години се прослави во голем број наврати со фантастични погодоци од далечина.
Тој сега вели дека и самиот не знае како има толку силен шут, и открива дека во својата кариера има повредено неколку голмани, помеѓу кои и Лука Зидан, синот на Зинедин Зидан, кој исто така му беше тренер.
„Имам повредено неколку голмани, го повредив Лука Зидан, настрада неговото рамо“ – вели Феде Валверде.
„Ми доаѓаше да умрам, одма помислив дека толку од мене во Реал, ќе ме избркаат… го повредив синот на Зидан!“
„Имам тенки нозе, ни самиот не знам од каде ми доаѓа таа сила“ – раскажува со насмевка Уругваецот.