Шефот на
стручниот штаб на Барселона, Ернесто Валверде верува дека Лионел Меси заслужува
големи честитки откако Аргентинецот погоди два од трите гола на Каталонците во
реванш пресметката против Манчестер јунајтед синоќа.
Барселона избори
место во полуфиналето од Лигата на шампионите, а Валверде сите пофалби ги упати
на сметка на Меси, за кого истакна дека секогаш игра одлично во клучни дуели.
„Меси секогаш се
истакнува во вакви клучни дуели, кога е во ваква форма, тој е незапирлив“ рече
Валверде.
Каталонците сега
се во исчекување на противникот во полуфиналето, истиот ќе биде помеѓу
подобриот од Ливерпул и Порто, Премиерлигашот со победата од 2-0 на домашен
терен е со една нога помеѓу четирите најдобри.
„Во Лигата на
шампионите никогаш ништо не е сигурно, ние треба да го задржиме нашето ниво на
игра, без разлика на тоа каков би бил исходот од првата пресметка, сакам да ја
освоиме Лигата на шампионите и возбуден сум со тоа што се најдовме во
полуфиналето“ заклучи Валверде.