Дефанзивецот на Баер Леверкузен, Џонатан Та порача дека нема намера да стави потпис на нов договор и по крајот на сезоната ќе го напушти клубот во потрага на ново искуство.
Изминатово лето неколку клубови пројавија интерес за ангажман на Џонатан Та, најсериозно загриза Баерн Минхен, беа испратени неколку понуди но не падна договор за трансфер на дефанзивецот на „Алианц Арена“.
Барселона исто така опипа терен за трансфер во последните денови од преодниот рок, но Германецот остана во Баер Леверкузен.
Сепак тој нема долгорочна иднина во дресот на „фармацевтите“ и уште сега порача дека оваа сезона е негова последна.
„Нема да ставам потпис на нов договор со Баер Леверкузен, веќе донесов одлука. Ќе го дадам максимумот до крајот и потоа ќе видиме каква ќе биде мојата иднина“ – вели Џонатан Та.
„Но одлучив дека заминувам, сакам ново искуство“.