Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе неколку важни одлуки, меѓу кои се враќањето на Емил Божиновски на чело на Судискиот одбор, како и формирањето на нова репрезентативна селекција до 20 години. Божиновски, кој пред три години се повлече од функцијата, повторно ќе ја води судиската структура на местото на Александар Ставрев. Покрај тоа, Јосип Бартон го заменува Дејан Костадинов како член на Судискиот одбор.
Поранешниот елитен судија има богато меѓународно искуство – со настапи во Лигата на шампионите, Лига Европа и квалификациски натпревари под капата на УЕФА. По пензионирањето, остана активен како контролор на судење за ФИФА и УЕФА.
Новина има и во репрезентативниот погон по одлука на УО на ФФМ, Македонија добива селекција до 20 години, а на селекторската позиција е назначен Александар Таневски. Тој изминатите осум сезони работеше во домашните лиги, со 196 официјални натпревари како тренер во Прва и Втора лига.