Новинарот на „Скај Спортс“ кој го смести Барди меѓу десетте фудбалери кои најмногу импресионирале на Европското првенство, напиша дека ќе биде изненаден доколку македонскиот фудбалер и следната сезона го носи дресот на Ујпешт.
Речиси и да нема сериозен клуб во светот кој нема пратено скаути на Европското првенство во Полска, а многу од нив во својот нотес го запишаа и името на Енис Барди.
Последните информации велат дека Херенвен се вклучува во трката по услугите на македонскиот репрезентативец. Претходно се пишуваше за интерес на Леванте и Штутгарт.
Сопствениците на Ујпешт тријат раце бидејќи цената на Барди по настапот на Европското првенство е значително поголема отколку претходно, па се очекува да инкасираат неколку милиони евра.
Херенвен пред две години договори и трансфер на Елиф Елмас од Работнички кој треба да замине во Холандија на крајот од септември оваа година кога ќе наполни 18 години.