Европската куќа на фудбалот решила да и излезе во пресрет на Барселона и првиот натпревар во Лигата на шампиони да биде игран на гостински терен, но и ова може да не биде доволно во трката со времето за враќање на Камп Ноу.
Делегација на УЕФА денеска го посети Камп Ноу за да го скенира прогресот кој е направен во реновирање на стадионот.
Оваа прилика била искористена и за дискусија околу молбата на Барселона првиот натпревар во Лигата на шампиони да го игра на гостински терен.
Како што пренесуваат медиумите од Шпанија, европската куќа на фудбалот начелно нема ништо против ова, и вербално дала зелено светло за едно вакво сценарио.
Со ова, Барселона си купи две недели плус да го спреми стадионот, но и ова може да не биде доволно во трката со времето за враќање на Камп Ноу.
Според правилата на УЕФА, стадионот не може да се менува во лигашкиот дел, и сите четири натпревари ќе мора да се одиграат на еден стадион. Доколку првиот натпревар биде одигран на Монжуик, ќе мора и останатите три, без разлика каков ќе биде статусот на Камп Ноу.
Барселона слично зелено светло доби и од Ла Лига, каде првите три натпревари од новата сезона ќе ги игра на гости.
Првиот домашен натпревар е против Валенсија, но и тој е под знак прашалник бидејќи не можат навреме да се извадат потребните сертификати.
За овој натпревар дополнителен проблем е што на Монжуик веќе е закажан концерт на 12. септември, па можно е натпреварот да се игра на стадионот на Жирона, или пак на Местаља, односно Барселона да побара да биде гостин и во 4. коло.