Претседателот на
УЕФА, Александер Чеферин испрати писмо до сите 55 Федерации поставувајќи го 25.
мај за краен рок за плановите околу рестартирање на домашните шампионати,
вклучувајќи и конкретни датуми и формат.
Денеска во
Франција беше донесена и официјална одлука на властите за прекин на фудбалските возбудувања, во таа
земја нема да има спорт до септември, па „Лиг 1“ нема да се доигра, како
последица од кризата со коронавирусот која силно удри и во таа земја, во
Франција се отфрли дури и можноста натпреварите да се играат без публика.
Холандија и
Белгија веќе ги прекинаа своите шампионати, донесувајќи слична одлука како и
Франција, додека пак во, „Премиерлигата“, „Серија А“, „Бундеслигата“, „Ла Лига“
се уште се дебатираат сите можни сценарија, иако нема да зачуди и таму да
следат слични одлуки.
„Националните
Асоцијации и Лиги треба да бидат во позиција за дискусија со УЕФА до 25. мај
2020. година за планираниот рестарт во нивните домашни шампионати, вклучувајќи
го воедно и датумот на планираниот рестарт како и релевантен формат на
натпреварувањето“ напишал Чеферин во своето писмо, јавува новинската агенција „Ројтерс“,
меѓутоа Словенецот во писмото ја префрла топката кај Федерациите по прашањето
за тоа кои клубови би зеле учество за идната сезона во европските
натпреварувања, во случај одредени лиги да не го дочекаат својот крај на
актуелната сезона.
„Во случај
одредени шампионати да бидат прекинати предвреме поради легитимни причини, УЕФА
ќе бара од Националната Асоцијација најдоцна до 25. мај 2020. година да објасни
за таквото сценарио, како и да селектира клубови за натпреварувањата под УЕФА
за идната сезона базирајќи се на спортските заслуги од сезоната 2019/20 во домашните
шампионати“ додава Чеферин во своето писмо.
Целта е да се
комплетираат домашните шампионати најдоцна до 2. август, а периодот потоа, во
истиот месец да биде отстапен за комплетирање на Лигата на шампионите, како и
Лига Европа.