Дека во фудбалот има убави гестови од најголемите клубови, уште еден доказ е Ливерпул. Англискиот гигант и лидер на Премиер лигата му го исполни животниот сон на младо шестгодишно момче. Се работи за Исак Кирни, шестгодишно момче кое има ретка генетска болест „Волф-Хиршхорн синдром“.
Исак е голем фанатик на Ливерпул, а стана хит на социјалните мрежи со пеењето на навивачки песни за „црвените“. Тоа го забележаа дури и во клубот и решија да го контактираат неговото семејство со голем гест.
Изнендувањето започна во училиштето на младото момче, каде што Вирџил Ван Дајк и Мохамед Салах дојдоа на гости и го повикаа Исак да дојде со нив во тренинг центарот. Таму момчето се запозна со сите свои фудбалски херои, го следеше и тренингот, а потоа клубот направи уште еден гест.
Ван Дајк го покани шестгодишниот Исак да излезе со него на теренот на мечот против Манчестер Сити кој се одигра на 1 декември, па така момчето доби спомени кои вечно ќе ги памети.