По минималниот
пораз на домашен терен од Шпанија, нашата селекција за фудбалери до 21 година
утре со почеток од 16 часот го играат мечот со аутсајдерот Фарските Острови на
гостински терен.
Нашиот состав е
голем фаворит на ова гостување, а истото може да биде и еден вид рехабилитација
за поразот од Шпанија, меч на кој можевме барем до бод, како и да е, Марио Младеновски отпадна од комбинација за настап поради повреда, неизвесен е Агрон Руфати кој се здоби со повреда на
пресметката со Шпанија, а поради суспензија од жолти картони нема да има право
на настап капитенот Давор Здравковски.
Селекторот
Благоја Милевски смирува, верува во изборот кој му е на располагање за мечот во
рамките на шестото коло од квалификациите за Европското првенство, каде во
моментов сме трети во групата „6“, зад Израел кој има предност од само еден
бод, Шпанија е прва и зад фаворитот заостануваме девет бода.
„Се
соочуваме со одредени проблеми поради повреди на некои фудбалери, но тоа е
нешто што мораме да го прифатиме. Овој дуел ќе биде сосема поразличен во однос
на натпреварот со Шпанија, но и нова можност за играчите да го потврдат својот
квалитет и потенцијал. Покажавме дека можеме да се спротивставиме на најдобрите
и тоа ни дава за право сеуште да веруваме во добар пласман во групата. Сега
ситуацијата е поинаква, противникот иста така, но останува обврската
да одиграме најдобро што можеме и секако да се однесуваме дисциплинирано и
професионално во играта и нашиот однос. Верувам во фудбалерите и се надевам на
многу позитивни работи на утрешниот натпревар“ рече селекторот Благоја Милевски.
Извор/фото-вест: ffm.mk