Најдобрата македонска
фудбалска репрезентација со триумф од 2-0 над Норвешка во пријателски меч ја заврши
календарската година која може да се каже дека мина одлично, барем тоа го
потврдуваат резултатите во истата.
Гостите ја имаа
теренската доминација во првото полувреме, но нашиот состав преку Алиоски во
две наврати, најнапред во 13. а потоа и во 16. минута имаше мини-шанси за гол,
истите беа нереализирани.
Најзрелата шанса во
почетната фаза на мечот во Скопје ја имаа Норвежаните и тоа преку Одегард во
19. минута, сепак, неговиот удар на наша среќа заврши само во дирекот од голот.
Тешко ја пробиваа средината нашите фудбалери,
а тоа најчесто го правеа со долги топки, а воедно и чекаа своја шанса преку
контра или полуконтра да го загрозат голот на противникот.
На две минути пред
крајот на првите 45 минути игра Алиоски со една мајсторска асистенција го
проигра капитенот Пандев кој реализираше за водство од 1-0.
Во второто полувреме убава шанса за 2-0 имаше Тричковски кој само пет минути откако влезе во игра на
местото на Пандев доби употреблива топка од Ристовски по десната страна меѓутоа
неговиот удар кој и не беше толку опасен беше лесен плен за гостинскиот голман.
Убава реакција имаше и Велковски кој во финишот од средбата од место шутираше, но гостинскиот голман имаше уште подобра интервенција и спречи зголемување на нашето водство.
Само неколку минути му беа потребни на џокерот од клупата на Ангеловски, Кире Маркоски кој искористи отпадок на противничката половина по киксот на гостинскиот голман кој несмасно се обиде да ја исфрли топката од неговата половина, а на нашиот фудбалер не му беше тешко да ја смести топката во голот за победа од 2-0.
Македонија: Димитриевски, Ристевски, Зајков, Велковски, Ристовски, Спировски, Барди (Николов 76’), Радески (Тошевски 84’), Алиоски (Маркоски
88’), Трајковски (Хасани 57’) и Пандев (Тричковски 68’).
Главен арбитар на контролката која се одигра на „Националната Арена Филип Втори“ во Скопје беше босанскиот судија Един Јакуповиќ.
Бележиме одлична година
за нашиот сениорски состав како ретко досега, со еден пораз, три ремија и пет
триумфи вклучивајќи го и вечерашниот.
Ова беше прв триумф над Норвешка во четвртиот меѓусебен дуел со оваа селекција, по двата порази и едно реми.
Фото: fotball.no