Клубовите од
Премиерлигата денеска ќе разговараат со фудбалерите за „Проект ре-старт“.
Планот е тренинзите да почнат во понеделник (18. мај) и тоа под строги услови.
БиБиСи објави детали од досието од 40 страни кое синоќа им било испратено на
фудбалерите и тренерите.
Според
протоколот, во првата фаза ќе се тренира во групи не поголеми од пет фудбалери,
а сесиите нема да траат повеќе од 75 минути. Ќе бидат забранети стартовите и
било каков контакт, играчите ќе треба да бидат на одалеченост од најмалку два
метри.
Фудбалерите ќе
треба на тренинг да доаѓаат сами и со сопствено возило, нема да можат да
користат јавен транспорт или пак автомобили на клубот. Ќе им биде забрането да
се собираат во заеднички простории, и исклучок ќе има за теретаните и
просториите за физиотерапија, но во нив ќе може да присуствуваат само лимитиран
број на лица.
Тестови за
коронавирус ќе се прават два пати недело, а пред почетокот на тренингот, ќе им
биде мерена температурата на сите фудбалери и тие ќе пополнат прашалник.
Фудбалерите кои биле позитивни но
оздравеле, ќе мора на детални тестови за да се види дали заразата оставила
некој поголем белег, односно да не имаат некакви компликации на белите дробови
и срцето.
Терените ќе бидат
дезинфицирани по крајот на секој тренинг, исто како и корнер знаменцата,
топките, конусите и сета друга опрема што ќе се употребува.
Медиумите од
„островото“ синоќа објавија дека дел од фудбалерите не сакаат да се вратат на
тренинг стравувајќи за своето здравје. БиБиСи додава дека Асоцијацијата на
фудбалери добила голем број на повици од членови кои пројавиле загриженост, особено оние кои имаат
одредени здравствени проблеми како астма или пак црномурести фудбалери и припадници
на помали етнички групи.
Статистиката
покажува дека црномурестите мажи и жени во Англија и Велс имаат два пати поголема
шанса да починат од коронавирус во споредба со белите мажи и жени.
Втората фаза од тренинзите ќе треба да започне за 10 до 14 дена, тогаш се очекува целиот тим да тренира заедно.