Работнички дури во 90. минута го скрши отпорот на Тре Пене, но утре се очекува да имаат полесен меч и да остварат нова победа.
„Нашата цел е да оствариме уште една победа над Тре Пене и да се пласираме во следната рунда. Го респектираме противникот, не се тие наивен тим, но ние сме уверени во нашите квалитети и посакуваме нов триумф. Доколку наметнеме наше темпо, мислам дека Тре Пене тоа нема да може да го следи. Сепак, нема веќе „рибари“ во европските купови, видовме дека може да загуби и Глазгов Ренџерс, па максимално сериозно му приоѓаме на мечот“, изјави шефот на стручниот штаб, Виктор Треневски.
Капитенот на Работнички, Душко Трајчевски очекува победлив триумф над Тре Пене.
„И пред првиот натпревар напоменав дека Работнички е фаворит, сега по еден одигран дуел тоа можам да го потврдам. Остваривме минимална победа против Тре Пене во Сан Марино, а утре очекувам уште поубедлив триумф на нашиот тим. На првиот дуел имавме неколку избрзани реакции, тоа придонесе да не го отвориме резултатот брзо. Се надевам дека утре ќе биде сосема поинаку и дека ќе славиме поубедлива победа“, изјави Душко Трајчевски.
Натпреварот меѓу Работнички и Тре Пене ќе се игра утре (четврток), со почеток во 17.30 часот, на комплексот „Петар Милошевски“ во Куќата на фудбалот. Билетите за овој меч веќе се пуштени во оптек преку продажбата мрежа на МК Тикетс по цена од 150 денари, а утре во пресрет на натпреварот билети ќе можат да се купат и пред самиот влез на стадионот.