Столе Димитриевски синоќа беше клучен во победата на Валенсија над Картагена за пласман во следната рунда од Купот на Шпанија, Македонецот во самиот финиш одбрани пенал.
Димитриевски повторно е во центарот на вниманието, но овојпат поради херојски меч кој и тоа како му беше потребен по инцидентот кој го имаше со Валенсија поради неговата изјава дадена во Македонија.
Нашиот голман во 119. минута одбрани пенал, а неговиот тим две минути подоцна постигна гол и обезбеди победа од 2-1 на гостувањето кај Картагена.
По мечот стигнаа пофалби за Димитриевски од тренерот на Валенсија, Карлос Корберан.
„Многу добар натпревар на Димитриевски, не само поради пеналот, туку и поради неговата смиреност и контрола која ја покажа во текот на целиот меч. Противничкиот тим не создаде многу шанси, но имаа голем број на контранапади што можеа да ни предизвикаат повеќе проблеми. Тој одигра многу солидно и беше одлучувачки за нашиот пласман во следната рунда“, рече тренерот на Валенсија, Корберан.