Предводникот на „светците“, Расел Мартин ги прокоментира гласините кои велат дека Манчестер јунајтед е подготвен да плати 21 милион фунти за ангажман на талентираниот Тајлер Диблинг, вели дека оваа сума не е доволна ниту за левото стапало на фудбалерот од средниот ред.
Саутемптон игра под очекувањата по враќањето во Премиерлигата, но еден фудбалер се одвојува од другите, станува збор за 18 годишниот Тајлер Диблинг, кој веднаш се најде во бележникот на неколку клубови.
Оваа недела се појавија гласини кои велеа дека Манчестер јунајтед го мерка младото момче и е подготвен да инвестира 21 милион фунти во негов ангажман.
Ваквите шпекулации стигнаа и до тренерот на „светците“, а тој испрати зајадлив коментар до „ѓаволите“.
„За таа сума не можат да го купат ниту неговото лево стапало!“ – рече Расел Мартин на средбата со новинарите.
„Му понудивме нов договор на Диблинг, навистина добар договор за фудбалер на 18 години. Во моментов мислам дека неговите агенти не гледаат баш така, но имам чувство дека Тајлер сака да ја продолжи соработката, исто како и неговите родители, па ќе почекаме да видиме што ќе се случи“.