Тренерот на Њукасл, Еди Хау, е хоспитализиран поради здравствени проблеми и нема да биде на клупата за натпреварот против Манчестер Јунајтед во недела.
Од клубот соопштија дека Хау веќе некое време не се чувствувал добро и бил примен во болница во петокот вечерта. Иако не се откриваат конкретни детали, се знае дека ќе остане под лекарски надзор додека се извршуваат дополнителни испитувања.
Тренерот е во стабилна состојба, во контакт со своето семејство и добива стручна медицинска грижа. Од Њукасл му посакаа брзо закрепнување и најавија дека навремено ќе ја информираат јавноста за неговата состојба.
Во негово отсуство, тимот ќе го водат неговите соработници Џејсон Тиндал и Греем Џонс.
Натпреварот со Манчестер Јунајтед се игра во недела од 17:30 часот на „Сент Џејмс Парк“. Њукасл моментално е на седмата позиција со 53 бодови, додека Манчестер Јунајтед се наоѓа на 13. место со 38 освоени поени.