Тренерот на Милан, Пауло Фонсека отворено призна дека Јусуф Фофана од Монако е нивната главна цел за засилување на средниот ред.
Милан до овој момент донесе три засилувања за новата сезона, на Сан Сиро пристигнаа Страхиња Павловиќ, Алваро Мората и Емерсон Ројал.
„Росонерите“ исто така со месеци се во преговори со Монако за трансфер на Јусуф Фофана, но двата клуба никако да најдат компромис за висината на зделката.
По синоќешниот натпревар против Монца на „Трофео Берлускони“, тренерот Пауло Фонсека отворено призна дека Французинот е главната цел до крајот на летото.
„Ни треба само уште еден играч за да го комплетираме составот. Се работи за Фофана, сите го знаат тоа“ – вели Фофана.
Во меѓувреме, новинарот Фабрицио Романо објави дека Јусуф Фофана уште од јули месец јасно им ставил до знаење на сите дека сака само трансфер во Милан.
Неколку клубови од Премиерлигата пројавиле интерес за неговите услуги, но тој ги игнорира и чека „росонерите“ да постигнат дил со Монако.