Тренерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим застана во одбрана на Џошуа Зиркзе, кој во финишот од мечот реши да додава наместо да шутира, а Хари Мегваер не ја искористи топката за да донесе големо славје на „ѓаволите“ на Енфилд.
Ливерпул и Манчестер јунајтед синоќа одиграа возбудливи 2-2 во големото дерби, но гостите можат да жалат откако во последните секунди од мечот имаа огромна шанса да стигнат до трите бода.
Џошуа Зиркзе се најде во добра ситуација, но наместо да шутира, реши да додава до Хари Мегваер, кој од 10 метри биеше над голот и пропадна убава прилика да се шокира ривалот.
Многумина го нападнаа Џошуа Зиркзе, го обвинија дека се исплашил од укажаната шанса и сметаат дека напаѓачот требал сам да ја финишира акцијата, но Рубен Аморим застана зад Холанѓанецот.
„Според мене, мислам дека одлуката беше перфектна. Да, можеше да шутира, но реши да ја додаде топката централно. Топката беше доволно бавна за Хари да постигне гол, но понекогаш се случуваат вакви работи. Сепак сметам дека Џош донесе добра одлука“ – вели тренерот на Манчестер јунајтед.