Кризата во Тотнем продолжува откако лондонскиот тим беше поразен од Кристал Палас со 1-3 во натпревар од Премиер лигата, што претставува петти пораз по ред за „спарс“.
Екипата сега е во серија од 11 натпревари без победа и се наоѓа во сѐ потешка позиција на табелата, но тренерот Игор Тудор и покрај лошите резултати порача дека сѐ уште има доверба во својот тим.
„Можеби звучи чудно, но по овој натпревар верувам во тимот повеќе од порано. Видов нешто кај играчите, видов енергија и страст во соблекувалната по крајот. Кога ќе бидеме комплетни, ќе биде добро, верувам во тоа. Црвениот картон промени сè. До тој момент ја контролиравме играта и водевме, но потоа стана исклучително тешко против тим кој е толку опасен во контранапад. Важно е да се испрати порака дека не можеме да ја прифатиме оваа ситуација како нормална. Станува збор за менталитет. Во овој момент мора да го признаеме тоа, но исто така да веруваме дека имаме квалитет да се справиме“, изјави Тудор.
Изјавите на хрватскиот стратег не беа добро примени кај навивачите на Тотнем, кои се незадоволни од резултатите на тимот. Тудор сè уште нема освоено ниту еден бод откако седна на клупата на лондонскиот клуб.