Фудбалерите на Милан режираа епски пресврт и славеа со 2-3 (2-1) на гостувањето кај Торино во последниот меч од 14. коло на Серија А.
Домаќинот на „Естадио Гранде Торино“ имаше перфектен старт. Популарната „граната“ поведе со голот на Никола Влашиќ од белата точка по игра со рака на Фијако Томори во десеттата минута. Само седум подоцна Влашиќ стана и асистент, бидејќи го проигра Дуван Запата кој откосо погоди за 2-0.
„Росонерите“ успеаја да се вратат во игра преку Адриен Рабио кој во 24. минута даде голчиште од преку 25 метри. Сосема неочекувано Французинот испрати вистинска „бомба“ во мрежата на домашните за 2-1, резултат кој беше активен и на полувремето. Пех за Милан беше повредата на Рафаел Леао.
На стартот на второто полувреме гостите имаа двојна шанса преку Габија и Ричи, ама голманот Израел беше на висина на задачата. Клучниот момент за Милан се случи во 66. минута кога во игра влезе Кристијан Пулишиќ. Иако беше болен, во текот на викендот имаше температура и воопшто не допатува со тимот во Торино, туку дополнително – Американецот стана херој. Пулишиќ погоди од првиот контакт со топката веднаш откако влезе во 67. минута, а десет подоцна одлично втрча на пеналтикот и доби топка од Ричи, па реализира за 2-3.
Со оваа победа Милан се врати на првата позиција во Серија А, каде што е израмнет со Наполи на по 31 бод, но има победа во меѓусебниот дуел која моментални ги рангира подобро.