Торино со 3-1 го совлада Милан, поранешниот играч на „росонерите“, Рикардо Родригез постигна прекрасен гол, негов прв во дресот на „биковите“ и прв во последните шест години.
Милан веќе го има осигурано второто место на табелата, Торино се уште се надева на излез во Европа, па „биковите“ вечерва покажаа повеќе желба за трите бода и триумфираа со 3-1.
Запата го отвори резултатот во 26. минута, со глава ја затресе мрежата за 1-0. Пред крајот на првиот дел, и Илиќ со глава го матираше Спортиело за 2-0.
Најубавиот момент на натпреварот се случи по двесетина секунди игра во второто полувреме, Рикардо Родригез прекрасно погоди од далечина за својот прв гол во дресот на Торино, и прв во последните шест години.
Неговиот последен погодок беше во дресот на Милан, на натпревар во Европа против Лудогорец во 2018 година.
Почесниот гол за Милан беше дело на Бенасер, кој од пенал реализираше за 3-1 во 55. минута од мечот.